10.4.14

Глупи Балканци!



Читам некои постови под видеово и си мислам: Глупи Балканци! Сè мора да поделите и сè мора да раскинете на делови. Мора да си докажете. Мора да се уништите меѓу себе, па, на гробот на „противникот„, полуживи, а повеќе мртви, да прогласите победа. Во видеото артистот зел народна песна и ја стилизирал, ја искористил како мотив, и испадна убава уметност – светска музика (world music). Се работи за народната песна „Дафино, вино црвено„, која ние, Македонците, ја сметаме за македонска (ја пееме и ја чувствуваме за блиска). Со коментар под видеото се јавил некој Бугарин и кажува дека таа била бугарска. Па нека ја смета за таква. Ја чувствува ли како своја, како блиска на неговото емотивно и етничко битие? Па нека. Со тоа не може да ми го поколеба моето национално чувство. Јас сум Македонец, во тоа никој и ништо не може да ме поколеба или премисли. А ако некој се нафати да го негира моето национално чувство – ќе го оставам без одговор. Па, би било нелогично од моја страна да си го трошам драгоценото време на глупости. Имам право на свои чувства и свои разбирања на светот што ме опкружува, како и секој друг човек.
А тоа што толку се препираме и толку не можеме да ја најдеме границата меѓу нас нели кажува за тоа колку сме блиски? Нели треба да се гордееме со тоа што нашата култура е голема и достојна некој од страна да се најде погоден и инфициран од неа и да ја искористи во својата уметност? Познава ли културата државни граници? Познава ли уметноста граници?




No comments:

Post a Comment