23.10.13

КЛАНОКРАТИЈА

Суштината на застојот во демократскиот развој на Македонија е премалиот капацитет за разбирање на демократијата во поширокиот граѓански слој. Луѓето не ја разбираат и не ја бараат демократијата. Основна животна цел на поголемиот дел од граѓаните на Македонија е приклучување кон некоја клановска организација втемелена врз материјален интерес (ние ги викаме политички партии) и на тој начин остварување на лична материјална егзистенција.
Овој систем во кој живееме се вика КЛАНОКРАТИЈА.


Политичарите се менаџери - управувачи. Менаџерите се избираат ниту по „моја“, ниту по „наша“, ниту по „ваша“ мерка; се избираат тие што ќе ни донесат максимален прогрес на сите.

22.10.13

Тотална или тоталитаристичка демократија?

Тоталитаризмот беше време кога на луѓето им се всадуваше размислувањето дека има само една вистина, само еден пат и само еден лидер. Демократијата е систем во кој има аргументирана спротивставеност помеѓу разните идеи, визии и луѓе; и во таа спротивставеност најчесто победува квалитетот.

12.10.13

Идеализам

Ако не бидеме идеалисти, ако не го бараме доброто и вистината, ако сите се задоволиме со половичност и неисполнетост; кој, и зошто би ги менувал работите на подобро? Живеме во општество и насоките во кои се движи тоа општество зависат од сите нас:
 

Никој не може
да се откаже
и да не мисли,
и да не каже -
да се помири
и да се предаде,
без да се продаде.

8.10.13

Паразити и творци



Извадоци од писмо на Георги Марков (1929 – 1978), бугарски дисидент, писател и публицист, убиен  во Лондон, во досега неразјаснети околности, се претпоставува од агент на бугарската тајна служба „Државна сигурност“ со вбризгување отров (рицин) при боцнување со врв на чадор (познатото убиство со чадор, "Umbrella Murder")
---------------------------------------------------------------------------------------------------------

 18-22.02.1977 година, Лондон
  ...Веќе одамна не верувам во "слободата на говорот", сега таа, и во двата света, практично се сведува на слобода да лаеш на глас дома или пред неколкумина пријатели, за она што те загрижува. Но обиди се да изкажеш свое мислење во "независниот" весник „Тајмс“ или во независното BBC? Таму, исто како и во "Работничко дело", треба да се усогласиш со линијата на весникот или радиостаницата. Принципите се апсолутно исти. Разликата е само во формите - едните се груби и недоделкани, а другите имаа пософистицирани форми на дејствување.
…Луѓето едноставно си го заработуваат лебот, како што би можеле да си го заработат со одгледувајќи ежови, на пример... Така да, секоја одлука што тие ја носат, секое мислење што тие го изразуваат, нема никаква врска со вистината, правдата, со борбата за добро и за усовршенувањето на човекот, со љубовта и со убавината. Не! Тие немаат никаква друга цел освен својата едноставна и јасна цел - да си ја зацементираат добрата позицијата во општеството и да не си создаваат непријатности. 

Сè повеќе ме обзема впечатокот дека вистинската болест на нашето време не е ниту комунизмот, ниту капитализмот, ниту тероризмот, ниту какви и да се револуционерни и контрареволуционерни евангелија, а главно (а можеби дури и единствено) она расипано, подличко, себично, добро маскирано, добро загарантирано чувство - да си го осигураш своето живуркање на тој начин што ќе се присламчиш кон некој октопод, кој што има потреба од тебе за да му чистиш пипалата.

Сè посилно сум убеден дека светот воопшто не се дели на добри и на лоши луѓе, на леви или на десни, на верници или неверници, туку главната поделба, која има значење за нас е на луѓе кои можат, и на луѓе кои не можат. Со други зборови - на творци и  на паразити. Постојат различни видови творештво, како што има и различни видови на паразити. Селанецот кој сее на својата нива е творец, жената која раѓа и одгледува деца е творец исто колку што Ајнштајн, Бетовен и Достоевски се творци. Оној кој прави или поправа обувки е творец, кловнот е творец, берберот е творец...
Но тука започнува најголемата драма на човештвото – творците, а особено најталентираните меѓу нив никогаш не се здружуваат. Првиот белег на еден талентиран човек и на еден гениј е неговото несогласување со другите. Многу пати сум кажал - талентот е независност. И затоа сите вистински творци, поради својот внатрешен свет и вербата во него, поради начинот на кој се изградени, секогаш се во целосно меѓусебно разногласие во сите поголеми прашања. За разлика од нив паразитите или, ако сакате, медиокритетите се здружуваат, се подредуваат во уредни редови и ја создаваат моќната армија на администрацијата и на бирократијата. Од причина што тие немаат креативна енергија и храброст, бидејќи по дефиниција се плашливи и несигурни, тие наоѓаат поддршка во своето здружување, во својата администрација, која, што е трагично, им дава власт над творците. Административците ги мразат творците и креативноста, бидејќи секое нешто што е создадено на овој свет им кажува дека тие не можат да создаваат, дека тие се само паразити. Никој не изливал повеќе злоба и завист спрема креативниот дел на светот од овие осакатени несреќници, кои си го присвоиле правото да управуваат со другите. Тие се плашат од творците, бидејќи творецот не се покорува лесно, тој не служи добро, тој не е примерен чиновник кој со слатка насмевка вели: "Да, господине!"  

Паразитот, колку и да е бездарен, има огромна предност во однос на творецот. Бидејќи тој не се конфронтира, не бранува, не се обидува да ги смени работите, не е заинтересиран да вникне подлабоко во потребите на оние под него, да одговори најпрофесионално на нивните очекувања, туку, едноставно  си го отслужува времето до пензија, за потоа да си има пријатна и обезбедена старост.

Кога пристигнав тука, на запад, бев многу изненаден кога открив дека скоро сите луѓе кои ги запознав, и тукашни, и емигранти всушност се бореа и сонуваа да добијат во животот нешто што јас го бев отфрлил во Бугарија - пари, загарантирана позиција, слава. Речиси сите - и Англичани, и Германци сметаа дека јас сум бил луд и дека е апсолутно морално да лежиш на грбот на целиот народ и да живееш како привилегирана гадинка. Ова сфаќање толку ме погоди, што дури тогаш сфатив дека јавната совест на запад е или валкана политичка игра на денот, или еден куп гомна, затоа што таа не одразува ничиј искрен став, бидејќи малкумината чесни и искрени донкихотовци кои се борат за човечко достоинство немаат пристап ниту до радио, ниту до телевизија, ниту до весници. Ако економските интереси на запад наложат, тие се способни да започнат да ја свират советската химна заедно со нивните сопствени.
За мој и твој ужас, тоа е реалноста. Тоа пак истиот конфликт помеѓу партијата и одделните творци. Ако комунизмот некогаш дојде на запад,  те уверувам дека нивните диктатури ќе бидат далеку поодвратни од нашите - источните. Но ако не дојде, причината за тоа ќе биде дека нивните општествени форми се поусовршено неморални и претставуваат помодерни и посолидни убежишта за просечноста и бездарноста, основите на неправдата се многу подлабоки и парфемот на демагогијата (за да прикрие мирисот на лајната) е многу посилен.

Знам дека природно прашањето ти е: А КАДЕ ОДИМЕ НИЕ? Што да правиме НИЕ?
Најглупавото нешто било да се лажеме дека работите не се такви какви што се. Најнепростливо би било да се пресечеш. Одговорот е многу едноставен. Ние треба да продолжиме да бидеме токму она што сме биле - луди. Бидејќи тоа е форма на живот што најдобро ни одговара, бидејќи ние сме родени за неа и таа е нашата највисока привилегија дадена од природата - ДА НЕ БИДЕШ КАКО НИВ. И ми се чини дека целата убавина на животот, дека, ако сакаш, целата негова смисла (нели убавината е смисла) се содржи во лудилото на лудите. Сето навистина големо и убаво, што природа и луѓето го создале досега е изблик на тоа лудило, која според мене тоа е самата суштина на можењето.

Пиши, ако сметаш дека можеш да пишуваш, цртај, ако мислиш дека можеш да црташ, ковај, орај, пеј, прави нешто што осеќаш дека можеш да го правиш. И не барај оправдание дека некој не ти го дал микрофонот или дека не сакаат да те печатат. Кога твоите делата ќе станат неспорни, конформистичката природа на паразитите ќе проработи во твоја корист, тие ќе те прифатат како свој, ќе те пуштат на радио, на телевизија, насекаде, споменик ќе ти подигнат, за да докажат дека тие секогаш биле со тебе и ти секогаш си бил со нив, дека она што ти си го направил е по нивна заслуга. Тие секогаш си ги присвојуваат сите големи работи од историјата, сè што создале лудите. И затоа можеш да си објасниш такви чудни слики, дека, музичко глуви, охаат и ахаат по Бетовен, литературно слепи луѓе го фалат до небеса Достоевски; и цели групи ништожници го слават на колена Ботев (а дури напамет не им иде да се обидат, барем малку, да бидат како него).
Ете тоа е конфликтот! Најголемиот, најдлабокиот, единствен сериозен конфликт.



7.10.13

Нашето општествено „Јас“.

Појавата - сегашниот и некогашниот физикус, делата (взаимноста во односите со; и влијанијата врз; и од други луѓе) и перцепцијата што ја предизвикуваме, сето тоа се компоненти на нашето општествено „Јас“.
Некој го сака; или не го сака твојот сегашен изглед, физикус. Некој ги сака, или не, твоите дела, постапки и размислувања. Некој ги памти твоите постапки, дела и изглед во минатото и затоа има позитивен или негативен однос спрема тебе. Некој си создава имагинарна слика во однос на тебе во неговата/нејзината глава; и те сака или те мрази потпирајќи се врз неа.