15.2.13

„Добар ден! Како сте?“

Кога пред 15-тина години живеев во една петкатница изградена во времето на Сталин, покрај соседка, бабичка од истото тоа време, која што живееше на приземје и често ја гледавме на прозор, често го коментиравме нејзиното однесување како нападно, демек цело време „снима“. Сега размислувам поинаку - тој што од својот стан, од својот прозорец, од своја тераса гледа што се случува надвор од неговиот дом не нарушува ничии права и приватност, тој, можеби, сака да види како живее светот околу него, можеби собира впечатоци, можеби пишува нешто, а можеби едноставно се чувствува осамен. За разлика од него, тој што гледа по туѓи прозорци за да види кој и што прави внатре, тој нарушува нечија приватност.

Сега, децата како чисти и искрени души го прифаќаат сето тоа што им е кажано од родителите и блиските, па ако некој од нив бил вознемирен од тоа што на тераса или на прозорец видел човек - сосед и го прокоментирал тоа пред детето, тоа ќе го прифати тоа размислување и ќе го повторува.

Така, наместо да го вртам погледот на друга страна и да озборувам, требало да и мавтам на бабичката во знак на искрен поздрав.

Советувам: На соседката/соседот кажете им „Добар ден! Како сте?“, веднаш и вие ќе бидете похумани а и соседката/соседот нема да ви изгледаат како чудовишта.