5.2.14

Отворено писмо до сите прогресивни и слободољубиви граѓани на Македонија


Отворено писмо до сите прогресивни и слободољубиви граѓани на Македонија



Почитувани пријатели!
Прогресивни и слободољубиви граѓани на Македонија. Дојде време кога веќе не смее да се остане на страна. Неопределените граѓани треба да ја вратат државата на демократски колосек.
Кога кажувам „неопределените„ – мислам на тие граѓани што за сиве овие години, по прогласувањето на македонската независност, не одлучиле да се продадат и да им се предадат на партиските лидери;  и не смениле и по неколку партиски книшки заради личен интерес: вработување, здобивање со општествена положба и можност за економски напредок. „Неопределените“ се најголема и најдискриминирана група граѓани во Македонија. Тие не можат да очекуваат позитивни промени во своите животи ниту сега, ниту во случај на доаѓање на сегашната опозиција на власт. Тие се изземени и отфрлени од општеството. Тие се гости во сопствената држава. Тие немаат право да постојат. Поголем дел од „неопределените„ не се аполитични, тие не се рамнодушни спрема политичките состојби во Македонија. Напротив, тие сакаат да придонесуваат кон изградбата на општествово и сакаат да учествуваат во донесувањето на одлуките во него, но, членувањето во сегашните „лидерски“ партии се коси со нивните животни принципи. А ако се земе во предвид и фактот дека на македонската политичка сцена, партија со која тие би се осетиле идеолошки блиски едноставно не постои, тогаш осознаваме зошто „неопределените“ ги има толку многу.
Генератори на горенаведените состојби во општеството се актуелните политички партии, тие не се здруженија на идеолошки истомисленици, туку се кланови, создадени за материјален интерес на поединци на штета на општеството, на штета на државата. Граѓаните на Македонија се поставени во позиција да играат лотарија - тие се зачленуваат во некоја политичка партија, ù служат и чекаат таа да дојде на власт. Партискиот стаж тие го сметаат за инвестиција (тој подразбира бенефиции) којашто не сакаат да ја изгубат, па, се согласуваат во сè со партијата и стануваат нејзини сигурни гласачи и агитатори; нивната егзистенција зависи од таа взаемна поврзаност. На партиите им требаат вакви луѓе, тоа е сигурен начин да се дојде и да се остане на власт – со манипулации, притисоци и уцени.
Тоа ли е прокламираното демократско општество? Слободни ли се луѓето во своите размислување и дејствија? Живееме ли во општество што напредува, или во општество што стагнира - во земјата на апсурдите каде што не важат правилата, не важи логиката; не важи чесноста, моралот и етиката а царуваат пресметливците и снаодливците?
Во едно демократско општество би требало да има демократски партии. Партии, во кои насоките на дејствување би се поставувале одоздола нагоре, тоест, секој партиски член би можел да има свој став или предлог во однос на било кое прашање, па со проследување на ваквите мислења нагоре би се создала генералната политика на партијата. Нашите актуелни партии имаат лидерски принцип – главните насоки во партијата ги генерира партиската врхушка. Тие насоки во облик на директиви за дејствување се пренесуваат надолу по хиерархиската пирамида. Партиите спроведуваат тендерски бизнис игри со кои ги наградуваат своите членови и поддржувачи, а партиските штабови се агенции за вработување.
Навистина, во денешнава политичко - економска состојба и во состојбата на свеста на македонскиот граѓанин (за чијашто демократизација и просветлување не се погрижи ни една политичка гарнитура) навистина е потребна промена. Веќе подолго време демократијата е во застој, затоа што граѓаните, иако незадоволни, не се решаваат да гласаат за промена на владејачката гарнитура, од причини што сегашната најголема опозициска партија го изгуби и не може да си го врати кредибилитет меѓу народот. Нивниот бивш лидер им е одбивен на луѓето поради неговата арогантност и поради неисполнетите големи ветувања кои ги заборави бегајќи од одговорноста во потрага по држалнички функции; нивниот сегашен лидер се издаде со изјавите во кои кажува дека во Македонија сè би останало исто и со нивното доаѓање на власт – и тие ќе вработуваат свои несоодветни (да не кажам неспособни) луѓе, а ќе отпуштаат и „јадат“ луѓе кои членуваат во други партии.
Сите досегашни политички лидери во Македонија не го менуваат демократскиот капацитет на државата на подобро, туку, го користат и манипулираат со демократски и културно необразованиот македонски човек. Тие се одговорни за падот на моралните вредности во општеството и за зголемувањето на анимозитетот, посебно на тој базиран врз партиска обоеност. Тие кај поголемиот дел од македонските граѓани наместо креативен и непокорен дух, култивираат чувство на потчинетост, конформизам и авторитарна свест.
До кога ќе трае оваа парада на глупоста? Како може најголемите партии во Македонија да бидат нејзини најголеми гробари? Па тие ја уништуваат државата со тоа што го ништат нејзиниот креативен потенцијал:
  •  Луѓе што имаат знаења, стручност, луѓе што имаат човечки вредности се обезвреднети. Општество во коешто сега живееме е изградено врз други критериуми – врз политички врски и непотизам. Па, обезвреднетите неприменети луѓе се приморани да си одат од државата и својот креативен потенцијал да го реализираат таму каде што ќе бидат разбрани.
  • Луѓе коишто немаат стручност и знаење се ставаат на одговорни позиции. Тие работат непрофесионално и криминално а за тоа не носат никаква одговорност. После тоа се прави „нов бран„ – едни неспособни се заменуваат со други неспособни функционери и службеници а претходните се вработуваат на ново топло место, често и во сосема друга институција и во друга бранша. Па така ние имаме генијални универзални функционери – каде и да ги ставиш, сè знаат да работат, дали е тоа: одбрана, земјоделство, образование, економија, здравство...

Зарем не е кристално јасно дека со ништењето на креативниот потенцијал губи целата нација? Не се создаваат иновациите, производите и услугите што би можеле да се создадат, тие малку производи и услуги што се создаваат немаат додадена вредност и препознатливост и не постигнуваат ниту голема продажба, ниту високи цени; не се организираат луѓето како што би можеле да се организираат. На тој начин македонската нација учествува десеткувана во светската размена на идеи, производи и услуги. Затоа нашиот животен стандард е, и останува, низок. Тоа си го правиме самите. Нели сите си го поставуваме прашањето: Зошто скоро во сите области, скоро во сите бранши ние немаме продукција, немаме организација, немаме пазар? Колку пати сте чуле од соговорникот дека сме „проколнати“ и дека треба да се „бега“ од државава? Тие малку успеси што ги постигнува оваа нација се должат на индивидуални квалитети на поединци, тие не се резултат на систематска работа.
Во едно демократско општество би требало да има:
  • Аргументирано спротивставување на различни концепции и размислувања. (Во нашето политичко секојдневие владее неаргументирано омаловажување, дисквалификации и поделби на патриоти и предавници);
  • Независен граѓански сектор (граѓанскиот сектор, како и се друго во државава е партизиран и не им служи на граѓаните туку на партиите);
  • Професионални независни медиуми (медиумите се непрофесионални и корумпирани, со нив управува политиката, нивна цел не е да информираат и да ги бараат сите можни вистини; нивна основна цел е да  ги убедуваат и да манипулираат со граѓаните).
На секое пазарно насочено општество му треба независно од политиката стопанството, а не партиска економија во која главен работодавач и главен учесник е владата.
Како да создадеме услови луѓето своето семејно огниште да го запалат и да придонесуваат тука, дома? Со кампањи и со маркетинг, со молење или со проколнување на тие што земаат странски пасоши?
Сметам дека единствениот излез за македонската демократија лежи во гласачката моќ на „неопределените“ граѓани, затоа што „определените“ се предвреме купени, продадени и предадени.
 Писмово го пишувам во отворена форма за да покренам што поголема свесност за проблемите во општеството кои влијаат врз сите нас.

05.02.2014

Константин Карев

3.2.14

Умниот човек

„Умниот човек не верува во сѐ што ќе слушне, не кажува сѐ што знае и не троши сѐ што има.“
Индиска поговорка