31.5.14

Филм

Јас сум во сопствениот филм. Набљудувам, читам, размислувам, пишувам.

Растојанија

Нема потреба да се плашиме од растојанијата.
И од далеку можеш да сакаш.
И од блиску можеш да се разделиш.

Хорхе Букај (Jorge Bucay)


Општествена одговорност

Чувството на нашата општествена одговорност треба да биде посилно од чувството на жал спрема несовесните родители кои поради својата неодговорност можат да останат без старателство врз своите деца, како и од помислата дека наша интервенција ќе повлијае негативно врз судбината на децата.

Убавини

Нема такво место, не постојат такви облаци и куќи.
Сето тоа е измислено.

Квалитет



„Квалитетот не е дејствие, тој е навика.„

Аристотел 

18.5.14

Сите вистини на светот

Свештениот живот, животот на човек кога тој е ослободен од прозаичноста и плиткоста на материјалното му дава можност на човек да ги спознае длабоките филозофии на постоењето на сиот материјален свет и сите негови духовни темели. Свештениците што се насочени кон човечката световност, таквите што говорат и им служат на државите, на етносите; свештеници удавени во догми дефинирани од луѓе и заробени во рамките на една човечка вистина (религија); се тривијални фундаменталисти, конзервативни луѓе што сакаат да го скријат од луѓето „Бог„ и сите спознанија поврзани со него, во кутија или во шише, за тој да соодветствува на нивните дефиниции за него и за да може да ги држат луѓето покорни и под контрола со помош на нивната вистина.



http://www.telegraf.rs/vesti/1076517-amfilohije-okrivio-koncitu-vurst-za-poplave-u-srbiji-video
http://grid.mk/read/news/505185423/3270558/antimos-makedonija-e-edna-i-grchka

7.5.14

Црно бел свет?

Секој бел (фин, дотеран, личен) не е ангел и секој господ не е Бог => секој црн (...) не е Ѓавол.

Време, пари и отепувачка

Ако одиш по парите времето ќе ти биде „отепувачка„ - ќе го отепаш времето или ќе те отепаат тебе. Ако не одиш по парите времето ти останува гратис, без пари. Ама без пари ќе бидеш.

Парите го отепуваат човекот (човештвото, светот) долго време. Ако се продолжи вака, парите, што сега „го вртат„ ќе го навлечат човекот да го уништи (отепа, запре) светот.

И ќе нема ни човек, ни пари.
Ќе има некој друг Свет кој ќе постои во времето.

Константи

Некои работи и некои луѓе можеш да ги дефинираш како константи, да им доделиш име, да им ја процениш вредноста и да се повикаш на нив при решавањето на некои други животни равенки или неравенки.

Значи, нешто е константно константно а нешто константно се менува.

Чинка ли чини нешто што нечини?

Состојбите во областа на културата и уметноста нѐ ставаат во позиција да посакуваме подобро. Ама, од своја кожа не се бега, како што не се бега ниту од својата култура, од својот јазик и од општеството за кое мислиш дека создаваш. Јазикот е нашата татковина, рекол Блаже Конески. Да, во таа татковина си одбрал да работиш некоја нивичка и да растеш плодови. И ај што не ти пуштаат вода за да ја навадиш нивата, туку и тоа што на суво си го пораснал не ти го сака никој. Бадијала си орал. Напразно си сеел. Залудно си лелеел. Попусти ти се трудовите трудни.
Од младост ли е? Од зеленост ли е и од несозреаност? Од глупост ли е и од неразбраност и незнаење? Од мене ли е? Од тебе ли е? Од Бога ли е? Чинка ли чини нешто што нечини? Или самите се колнеме, се колвеме, се клетиме и си ја разнебитуваме татковината наша, јазикот наш, културата наша разнекултурена?

6.5.14

Самовоспитување

Секој припадник на човечкиот род, учествува во градењето на човечката цивилизација. Човечката цивилизација можеме да ја опишеме како збир на верувања, знаења, норми, вредности; доделени на физички носители. Значи материјални и нематеријални компоненти. Најзначаен удел во создавањето на „Цивилизација„ имаат нематеријалните, духовните компоненти. Цивилизацијата се надградува самата себе со секоја плодна индивидуа, со секој човек што размислува и остава трајни вредности. Луѓето живеејќи во различни географски делови на планетата Земја поседуваат различни нивоа на цивилизација, односно култура; во различни временски периоди. Компонентите на цивилизацијата, такви како знаења, верувања, сфаќања, се преземаат, се споделуваат, се наследуваат или пак не се преземаат, не се споделуваат и не се наследуваат меѓу разни човечки заедници. Сепак во секој конкретен период постојат цивилизациски норми прифатени во поголемиот дел од заедниците, општествата, државите.
За да придонесе секоја новосоздадена човечка индивидуа кон развој на цивилизацијата таа би требало да ги спознае универзалните вредности во животот, во културата, како и прифатените норми во однесувањето со други индивидуи. Ако индивидуата не може да ги добие тие сознанија во рамките на своето семејство, формалното образование и воспитување
, тогаш ù останува можноста самата да ги надомести тие пропусти со помош на самовоспитување и самоедукација.

Значи, обврска на секој свесен, возрасен човек е сам да ги надомести пропустите во своето „цивилизирање„.

Константин Карев


4.5.14

"Мудрост"

Имаше еден „шахист„ во друштвото на шахисти на татко ми којшто ги местеше и тргаше фигурите од табла кога соперникот ќе се тргнеше... за да ја слушне природата.

Едно време неговите соперници се мачеа, издржувајќи храбро цела партија без да го спуштат погледот од полето на бојот. После тоа се откажаа и го оставија да си ги мести фигурите и да си игра сам.

Со кого се "надмудрува" сега? Не знам.

2.5.14

Не е смешно




Прво ти е смешно. После тоа не толку смешно.
Се прашуваш: Ако таткото, според синот, „јаде гомна„, тогаш што јаде синот?
 
И што да правиш, кога таквите „јадачи„ ти се соседи и колеги на работа?

Вистина

Ете, кој сака да слушне - ќе слушне.
Кој сака да сфати - ќе се обиде да сфати.
А тој што не сака да си ја расшири свеста и да спознае кои се доводите и фактите на другиот - ќе пцуе и ќе навредува.
Секој нека си одлучи дали ќе и даде шанса на туѓата вистина. Затоа што не постои само една вистина. До сопствената вистина доаѓаш кога ќе откажеш од сите притисоци и во твојот разум ги споредиш сите вистини што допираат до тебе.
Дали заслужуваш да се нарекуваш личност, ако свесно се откажуваш да генерираш своја сопствена вистина во твојата глава?