15.11.14

Бог на цела Вселена

Ете, народите се како капка од ведро,
вредат колку прав на мерилката (на вагата).
Островите (земјите), ете, треперат во воздухот како ситно делче!
Свето писмо, Исаија 40:15 (Isaiah 40:15)

Нема господ за секоја посебна држава, за секој народ. Не постои географски господ за секој регион на планетата Земјата. Не постои посебен бог за секоја планета или вселенски систем.


Може да постои само еден Бог за цела материјална Вселена што ја познава човекот, и тој Бог не познава ниту нации, ниту држави, ниту пак граници - па да знае до каде треба да оди и на кој јазик да говори.

Затоа - не го присвојувајте Бога, не го земајте во својата екипа, не го затварајте во своите граници, не го кријте во вашата црква, џамија, синагога, пагода... во било која градба што ја викате храм.

Кога вистински веруваш во Бога - знаеш дека Бог е насекаде и дека тој е Бог за сите.
Тој ги носи сите имиња и сите облици добиени од луѓето.
Нему не му требаат високи и широки разукрасени градби.
Нему не му треба докажување во верност.
Тој не се велича со уништување и со убивање други луѓе, негови творби.
Него можеш да го најдеш во чистото срце и во здравиот разум.
Бог не се повикува со ѕвона, ниту пак со пеење. Тој се повикува со правење добро, тоест - со не правење лошо. 
Бог е над сите материјални работи.

Иако претставите за Бога се менуваат - вербата во Бога е вечна. Ништо друго не е вечно, ниту вселенските тела, ниту пак човечките творби. Се менуваат култури, се мелезат нации, се пренесуваат граници, се раѓаат и пропаѓаат држави.

Вербата во Бог е потпорната точка за развој на целокупната човечката цивилизација.

Бог е секако еден. А што се однесува до неговото име, на Бог не му треба име. Нам, на луѓето ни треба име за Бог, за да го направиме свој, да си го присвоиме, врз неговото име да ги изградиме своите извитоперени догми и табуа, кои потоа ги користиме против други луѓе.

Константин Карев
15.11.2014


No comments:

Post a Comment